1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Е-цигарите се добра алтернатива за страствените пушачи

Јудит Хартл/Б. Георгиевски21 јуни 2014

Електричната цигара е помалку штетна за здравјето од класичната. Сепак, лекарите предупредуваат на последиците, затоа што тие не се докрај истражени.

https://p.dw.com/p/1CAQB
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Госпоѓо Печке- Лангер, дали е-цигарите се добра алтернатива за страствените пушачи?

Печке-Лангер: За оние кои многу пушат и се очајни поради тоа што не можат да престанат, е-цигарата секако претставува добра алтернатива. Тоа е многу јасно. Електричната цигара навистина го намалува ризикот во односот на миксот од отрови кои се наоѓаат во тутунот.

Зошто само намалување на ризикот? Дали тоа значи дека ни е-цигарите не се целосно безопасни?

Луѓето кои редовно пушат е-цигари токму сега учествуваат во еден долгорочен експеримент со неизвесен исход. Уште не знаеме како ваквиот начин на пушење се одразува врз бронхиите, особено кај оние кои претходно пушеле класични цигари. Сѐ уште е рано за прогнози.

Кои состојки на е-цигарата би можеле да бидат штетни?

Течноста која се вовлекува и која ја создава пареата е мешавина од хемикалии во кои се наоѓаат средства за конзервирање, пропилен гликол, ароматични состојки и, по желба, и никотин. Квалитетот на овие течности не е најдобар. Постојат нечистотии, дури и супстанци кои предизвикуваат рак, и тоа веќе го покажуваат одредени студии. Најпрво мора да се подобри нивниот квалитет, производите не смеат да содржат опасни хемикалии.

Кои се тие хемикалии кои можат да предизвикаат рак?

Формалдехид, ацеталдехид, акролеин... никел или хром, тешки метали кои можат да се најдат во е-цигарите. Тие не се планирани, но тоа се остатоци на процесот на производство. Годинава, на пример, во германското законодавство ќе бидат усвоени правилата на ЕУ за тутунските производи. Во нив ќе се најде и правилото за чистотата на е-цигарите. Тоа секако ќе им погодува на конзументите.

Martina Pötschke-Langer Deutsches Krebsforschungszentrum
Мартина Печке-ЛангерФотографија: picture-alliance/dpa

Дали потоа е-цигарата ќе биде безопасна?

Тоа можеме да го тврдиме само во случај на краткотрајно користење. На долги патеки се бара внимателност. Бидејќи се уште не знаеме како врз човекото тело се одразува длабоката и честа инхалација на пареата - пушачите тоа го прават од 100 до 200 пати на ден. Не знаеме како овие хемикалии долгорочно ќе делуваат врз бронхиите. Засега нема студии и нема податоци. Ние во Германскиот центар за истражување на ракот не ги изведуваме овие истражувања, но веќе ги има. Верувам дека наскоро ќе ги добиеме и првите резултати. Со оваа тема засега се занимаваат пред сѐ лаборатории во САД и Азија.

Постојат ли воопшто добри и лоши е-цигари?

Да, има огромни разлики. Некои се многу подобри за потрошувачите, на пример, имаат детална декларација на состојки кои се инхалираат и предупредување на пакувањата. Исто така, постојат е-цигари кај кои никотин се вовлекува порамномерно. Кај други, никотинот во поголеми количества се извлекува на почетокот, а на крајот останува многу малку. Тогаш пушачот вовлекува се‘ повеќе или ја дополнува цигарата, што пак доведува до побрзо предозирање.

Се чини дека е-цигарите се вистински хит меѓу младите, особено во САД и во земјите од Азија...

Да, пред сѐ т.н. е-наргиле или е-шиша. Тоа се всушност е-цигари со поинаков дел кој се става во уста и тие стануваат сѐ поомилени кај тинејџерите на возраст од 12 до 18 години. Некои дури ги носат и на училиште.

Bildergalerie zur E-Zigarette
Течности за електрични цигариФотографија: picture alliance/Fredrik von Erichsen

Делуваат толку безопасно, а имаат и модерен дизајн со ароми како јагода, ванила...

Така е. Во прашање е добра маркетиншка стратегија која очигледно цели кон деца и млади. Трендот е особено силен во источна Европа, но полека се сели и кон нас, на запад.

Доктор Мартина Печке-Лангер е раководител на одделението за превенција од рак во Германскиот центар за истражување на рак. Задолжена е и за соработка со Светската здавствена организација по прашањето за контрола на тутунските производи.