1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивите предци на оризот и пченицата ќе не´спасат од глад

20 јануари 2011

До 2050 година во светот би требало да живеат повеќе од девет милијарди луѓе. Но, од што ќе живеат тие ако климатските промени толку многу влијаат на посевите, така што пченицата и оризот нема повеќе да успеваат?

https://p.dw.com/p/zwYV
Kлиматските промени ги влошуваат условите за одгледување на житарицитеФотографија: picture alliance/dpa

Со цел да се осигураат доволни залихи на храна за повеќе од девет милијарди луѓе до 2050 година и земјоделското производство би требало да се зголеми за 70 насто, проценува Светската организација за храна и земјоделство ФАО. Меѓутоа, климатските промени воедно ќе ги влошат условите за одгледување на растенијата потребни за живот, како што се пченицата, оризот, компирот и пченката. Global Crop Diversity Trust, односно Светскиот фонд за зачувување на разновидноста на култивираните растенија, верува дека токму нивните „диви предци“ би можеле да помогнат да обезбедиме храна за деветте милијарди луѓе што не’ очекуваат до средината на овој век.

Конкретно, решението за зачувување на корисните растенија, директорот на Global Crop Diversity Trust, Кери Фаулер, го гледа во генетската разновидност на дивите предци на овие растенија.

„Познато ни е дека дивите растенија по правило се доста отпорни. Тие раснат во услови, кои на денешното земјоделство би му претставувале проблем. Некои од нив се отпорни на жештина и го подобро го издржуваат периодот на суша. И ако малку подобро погледнеме во иднината и ги разгледаме прогнозите на климатските стручњаци, тогаш тоа се всушност особеностите кои нашите култивирани растенија во блиска иднина би требало да ги имаат“, вели Фаулер.

Ориз кој цути ноќе, компир кој не може да изгние

Reis in Bangladesch
Се бараат „диви предци" на растенијата кои се многу поотпорни на жештина и сушаФотографија: picture-alliance/dpa

Овој аграрен стручњак наведува пример на еден вид ориз кој цути само ноќе и со тоа дава поволни услови да се избегнат високите температури во текот на денот, додека грее сонцето. Или пак пример на еден вид компир кој не може да изгние. Но, иако е докажано каква полза можат да имаат овие растенија во блиска иднина, само мал дел од семето на тие растенија се чува во соодветни складишта. Поради тоа е покрената меѓународна кампања во која истражувачките центри, земјоделските институти, ботаничките градини и познавачите на растителниот свет ширум светот започнаа да собираат диви и други растенија. Се собираат 23 видови на најважните житарици на денешново доба.

Траењето на кампањата е одредено на десет години, бидејќи за одгледувањето на новите култивирани растенија на стручњаците им се потребни седум до десет години.

Со вкрстување до растенија отпорни на суша и болести

Cary Fowler vom Global Crop Diversity Trust
Иднината е во дивите предци на растенијата, смета Кери ФаулерФотографија: Mari Tefre/Global Crop Diversity Trust

„Набраното растение прво мора со вкрстување да се спои со одгледаниот вид. Дури тогаш може да се види какви карактеристики има: отпорност на суша, издржливост на цветот на жештина, отпорност на штеточини или болести? Потоа растението мора така да се оформи што ќе можат да го сејат одгледувачите и земјоделците“, објаснува Фаулер.

Резултатите од вкрстувањето потоа се поставуваат во база на податоци, која ќе им се стави на располагање на сите одгледувачи и заинтересирани. Меѓутоа, прашање е дали проектот ќе се успее на време? Бидејќи бројот на луѓето во светот нагло се зголемува, а со бројот на луѓето нагло се зголемува и потребата за намирници. Кери Фаулер вели дека климатските промени со себе го носат најголемиот предизвик во земјоделството во изминатите 12.000 години, но верува дека одгледувањето и култивирањето на дивите предци на денешните растенија, наспроти трката со времето, ќе осигураат доволно храна за луѓето и за 40 години.

Автор: Ирене Квајле / Светлана Брик

Редактор: Симе Недевски