1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Прислушување на Бундесверот: „Јаболко на раздорот“ на Путин

5 март 2024

Објавениот прислушуван разговор на германски офицери од страна на Москва, ја исполни целта на Владимир Путин: да предизвика раздор меѓу поддржувачите на Украина. Лондон реагира со остра критика кон Германија.

https://p.dw.com/p/4d9JU
Крстосувачка ракета Таурус во лет
Крстосувачка ракета Таурус во лет: остри критики од сојузниците по тајниот разговор меѓу офицерите на германските воздухопловни сили за нејзината употребливост во Украина, објавен од руските пропагандни каналиФотографија: Bundeswehr/dpa

Критиките на сметка на Германија по објавувањето на прислушуваниот разговор меѓу високи офицери на воздухопловните сили за употребата на крстосувачките ракети Таурус во Украина особено се остри во Велика Британија. „Знаеме дека Германија е прилично пенетрирана од руските разузнавачки служби, што покажува дека таа не е безбедна или сигурна“, изјави поранешниот британски министер за одбрана Бен Валас, пишува весникот „Лондон Тајмс“.

Конзервативниот политичар Валас организираше помош во оружје за Украина во британската влада во Лондон до август 2023 година.

Минатиот петок (1 март, 2024 година) на руските пропагандни канали беше објавен разговор меѓи германски офицери, кој трае повеќе од 38 минути и кој го води командантот на германските воздухопловни сили Инго Герхарц. Офицерите го користеле софтверот за онлајн конференции ВебЕкс. Се вели дека еден учесник се јавил од Сингапур користејќи смартфон.

Писториус го потврди протекувањето два дена по објавувањето

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус во неделата попладне во Берлин го потврди истекувањето на информациите за медиумите, два дена по првите објави и додека разговорот веќе се користеше за пропагандни цели на руската државна телевизија.

Германскиот министер за одбрана Писториус (десно) со командантот на воздухопловните сили Инго Герхарц
Германскиот министер за одбрана Писториус (десно) со командантот на воздухопловните сили Инго ГерхарцФотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

„Во секој случај, тоа значи дека треба да се подготвиме за каква било форма на војна, вклучително и хибридна, информативна војна, војна со дезинформации, бидејќи ова е многу јасен пример за тоа“, рече Писториус на прес-конференција во Берлин.

Меѓутоа, фактот дека Русија води хибридна војна која вклучува дезинформации и поделба е, исто така, неспорен во Германија две години откако Русија ја започна инвазијата врз Украина.

Остра критика од Лондон

Говорејќи во Долниот дом на британскиот парламент, пратеникот на владејачката Конзервативна партија и поранешен претседател на парламентарната комисија за одбрана, Тобијас Елвуд, осврнувајќи се на Германија праша „зошто не се почитувале основните концепти на протоколот?“.

„Со оглед на интензитетот со кој Русија ги шпионира Германија и другите земји“, изјави Елвуд за Би-Би-Си во понеделникот, Москва не би дознала многу повеќе од истекувањето на информациите за Таурус од „она што веќе го знаела“.

Во однос на Германија, меѓутоа, конзервативниот пратеник повика на „сериозни дискусии зошто тоа воопшто се случило“.

Елвуд не се воздржа ниту од критика кон германскиот канцелар Олаф Шолц, кој продолжува да одбива да испорача крстосувачки ракети Таурус за Украина.  

Прислушуваниот разговор носи малку нови информации за Москва

Во интервју за ДВ, експертот за безбедност Џејмс Дејвис од Универзитетот Сент Гален во Швајцарија вели дека не е изненаден. „Се сомневам дека многу сојузници се изненадени дека Русија ги шпионира разговорите меѓу германските воени претставници“, вели Дејвис, кој раководи со катедрата за меѓународните односи на Универзитетот во Сент Гален. „Тие веројатно не се изненадени и дека Германците се изненадени, што кажува сѐ за позицијата на Германија во алијансата“, нагласува тој. 

Инцидентот само го потврдува широко распространето мислење „дека Берлин ги занемарил воените капацитети на Германија и оти е безнадежно наивен кога станува збор за можностите и намерите на Москва“.

Знамиња на Германија и НАТО
Репутацијата на Германија во НАТО дополнително страда по протечениот разговор објавен во руските пропагандни медиумиФотографија: Gregor Fischer/dpa/picture-alliance

Германија „безнадежно наивна“ - штетата за односите со нејзините партнери во НАТО е јасно присутна. Обидот на германскиот министер за одбрана Писториус да ја ограничи штетата два дена по протекувањето на информациите не го промени тоа.

Писториус: „Хибриден напад со дезинформации“

Во прашање е „хибриден напад со дезинформации, се работи за поделби, се работи за поткопување на нашето единство и соодветно на тоа треба да се одговори со посебна претпазливост, но не помалку одлучно“, рече Писториус.

Германската воена разузнавачка служба МАД сега истражува дали се прекршени безбедносните стандарди - особено во однос на избраната платформа на провајдерот за комерцијални видео конференции. „ВебЕкс има сертифицирани обрасци и, на пример, во зависност од содржината, ВебЕкс може да се користи до одредено ниво на доверба и тајност“, рече Писториус.

Засега, Писториус отфрла какви било последици за офицерите на воздухопловните сили вклучени во протечениот разговор и застана на страната на неговите луѓе. „Во принцип, не шпекулирам за последиците за персоналот пред да се завршат таквите истраги.“