1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како германските супермаркети се борат за повеќе купувачи

Ненад Крајцер | дпа
23 декември 2023

Во пресрет на Божик, потрошувачите се соочуваат со многу прашања: какви подароци да одберат за роднините и пријателите, но и прашањето каде да се направи празничен шопинг. Борбата за муштерии годинава е особено жестока.

https://p.dw.com/p/4aUSG
Германија потрошувачка
Oвогодишната празнична сезона би можела да биде поволна за трговците на малоФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Германските синџири на супермаркети цела година се во безмилосна битка за потрошувачите. Ценовната војна, особено во последно време на висока инфлација, вроди со често апсурдни намалувања на цените и понуди. Но, во пресрет на Божиќ, кога повеќето луѓе ставаат уште повеќе во количките за купување од вообичаено, борбата за муштериии е уште пожестока.

Маркетинг-одделите на трговските синџири се борат за што покреативни и подуховити слогани. „Божиќно лудило – хо, хо, хо“, порачуваат креативците на Лидл. Алди со „Божиќна заштеда со најдобри цени“ е нешто помалку креативен, а синџирот Едека со нешто повисоки цени, е во поетско расположение: „Ниските цени и небесното задоволство обединети во срцето".

Креативност е очигледно потребна, бидејќи оваа година потрошувачите се притиснати од инфлацијата. Прогнозите на Сојузот за малопродажба (ХДЕ) на Германија укажуваат на послаб промет во споредба со минатата година.

Најважниот дел од годината за трговците

Затоа оваа година трговските ланци вложуваат посебен напор да создадат добро расположение со цел да привлечат клиенти. „Многу синџири свесно туркаат добро расположение и опуштена и празнична атмосфера“, вели Јерг Фундер, маркетинг експерт од Високата школа во Вормс. По последните години, оптоварени со пандемии и војни, целта е на клиентите да им се понуди порелаксирана атмосфера.

Германија | пешачка зона во Минхен
Потрошувачите годинава се притиснати од инфлацијата (фото: пешачка зона во Минхен)Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

За малопродажните синџири, декември е најсилниот дел од годината кога станува збор за продажба на храна. Во пресрет на Божик прометот се зголемува од 3,5 на 4,5 милијарди евра. Минатата година, во неделите на Адвентите, купувачите потрошиле натпросечно многу пари на слатки, пенливо вино, кафе и жестоки пијалоци, покажуваат резултатите на Здружението за истражување на потрошувачката (ГфК),.

Традицијата е на страната на трговците и покрај лошото расположение поради кризите. „За време на празниците сакаме да се почестиме себеси и нашите семејства со нешто поспецијално од вообичаеното и затоа посегнуваме по поскапи производи“, вели Мартин Фаснахт од Економската висока школа ВХУ. Тој додава дека улога играат и одредени луксузни брендови, кои мора да се најдат на божиќната трпеза.

Кавијар и остриги покрај јогурт и паштета

Затоа и трговските ланци во предбожиќното време посегаат по производи кои многу ја надминуваат вообичаената понуда на намирници. Така, Лидл пред Божик на своите полици става пацифички остриги, новозеландско јагнешко месо или кавијар. За овој период од годината, ланецот дури создаде сопствена палета на луксузна храна наречена Sansibar Deluxe. Слични трикови користат и други синџири, нудејќи ексклузивна храна која обично може да се најде само на полиците на специјализираните продавници или на интернет.

Германија купување потрошувачка цени
Трговските ланци во предбожиќното време посегаат и по производи кои многу ја надминуваат вообичаената понуда на намирнициФотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/picture alliance

Тоа се чувствува и во благајните. „Во предбожиќниот период, дисконтите остваруваат 30 отсто повеќе промет отколку во просечна недела од годината, обичните супермаркети дури 60 отсто повеќе“, вели маркетинг експертот Фундер. Разликата делумно произлегува од фактот што годинава, поради инфлација, потрошувачите и онака повеќе од обично купувале во поевтини дисконти. Во пресрет на Божик сопирачките се олабавуваат, па може да се купува и во поскапите „нормални“ супермаркети.

Во супермаркет се купуваат и подароци

Во прилог на супермаркетите, според податоците на ГфК, оди и фактот што потрошувачите сѐ почесто одат во продавници за храна дури и кога треба да купат подароци. Во последните години сѐ почесто се подарува ексклузивна храна или пијалоци. Меѓутоа, во пресрет на празниците, дисконтите нудат и друга стока погодна за подарување, како играчки, облека и парфеми. За потрошувачите, ова има и предност што можат да добијат сè под ист покрив и, по правило, веднаш зад аголот, без потреба да се туркаат низ трговските центри или да бараат паркинг место во центарот на градот.

Податоците од Институтот за истражување на пазарот покажуваат дека овогодишната празнична сезона би можела да биде поволна за трговците на мало. Додека минатата година 32 отсто од анкетираните изјавиле дека имаат намера да заштедат пари при шопингот за празниците, оваа година тоа го направиле само 24 отсто. Божиќната трпеза очигледно за многумина сè уште е недопирлива светост.