1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

САД бараат „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа

ЖА
21 март 2024

САД на Советот за безбедност на ОН му поднесле предлог-резолуција за итен прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен кој е на турнеја низ Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/4dy3S
Последици од израелските напади во Појасот Газа
Последици од израелските напади во Појасот ГазаФотографија: AFP

„На Советот за безбедност на ОН му поднесовме резолуција за итен молк на оружјето, поврзано со ослободување на израелските заложници. Се надевам дека ова ќе испрати силен сигнал“, изјави Ентони Блинкен во средата вечерта за саудискиот медиум Ал-Хадат. 

„Секако дека  стоиме на страната на Израел  и го поддржуваме неговото право на самоодбрана“, дополни Блинкен, но истовремено посочувајќи дека е „нужно итно да ја согледаме ситуацијата на цивилното население кое е во опасност  и поднесува ужасни маки“. На цивилното население мора да му се даде приоритет, преку негова заштита и достава на хуманитарна помош, истакна Блинкен.

Изјавите на шефот на американската дипломатија се дадени за време на неговиот престој во Саудиска Арабија, на разговори околу војната меѓу Израел и исламистичкиот Хамас во Појасот Газа. Блинкен таму се сретна со саудискиот принц Мохамед бин Салман и министерот за надворешни работи, принцот Фејсал бин Фархан.

Во предлог-резолуцијата, која агенцијата АФП ја имала на увид, се укажува на „неопходноста од итен и траен прекин на огнот заради  заштита на цивилното население  на сите страни, овозможување достава на животно важната хуманитарна помош и ублажување на страдањата (...) поврзано со ослободувањето на заложниците.“

САД во изминатиот период  постојано го користеа своето право на вето при повеќе резолуции со кои се бараше итно примирје во војната меѓу Израел и Хамас.

Последно САД во февруари блокираа предлог-резолуција поднесена од Алжир, со која се бараше „итна хуманитарна пауза“.

Во меѓувреме американските претставници работеа на алтернативен текст, во чиј фокус е поддршка на дипломатските напори за шестнеделен прекин на огнот во замена за ослободување на израелските заложници.

Од дипломатски извори се дознава дека речиси не постојат изгледи за овој текст да биде прифатен во Советот за безбедност на ОН. Од таа причина до членките на Советот во средата е испратен нов американски предлог, за кој уште нема закажан термин за гласање.

Во интервјуто во Саудиска Арабија американскиот министер Ентони Блинкен се изјасни и околу тековните преговори во Катар околу договор за прекин на огнот и пуштање на слобода на преостанатите израелски заложници во замена за палестински затвореници. „Правиме напредок, договорот наближува. Мислам дека разликите се намалуваат и договор е многу веројатен“, истакна Блинкен. Тој денеска ќе престојува во Каиро, каде ќе разговара со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.