1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Метаморфозите на Путин - од носител на надеж до непријател

Јури Решето
15 март 2024

Во текот на своите 24 години на власт, Владимир Путин сѐ повеќе се дистанцираше себеси и Русија од Западот. Како се случи тоа? Двајца истакнати, но многу различни Руси се обидуваат да најдат одговор.

https://p.dw.com/p/4dYMC
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ во 2015 годинаФотографија: Alexei Druzhinin/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Доколку Владимир Путин викендов биде реизбран за руски претседател, за многумина останува прашањето: За што треба светот да се подготви? Што мисли Путин овојпат? До каде ќе се дистанцира од ЕУ и САД во преостанатите шест години на власт? И како можеше да дојде до тоа некогашната надеж за приближување кон Европа да остане само празна желба, а поранешниот носител на надежта 24 години подоцна да стане огорчен борец против западниот свет?

Двајца Руси се обидуваат да најдат одговор на овие прашања, двајца мажи од многу различни потекла и генерации. И двајцата ѝ се познати на милионската публика во својата матична земја Русија - едниот, стар 60 години, преку десетици наградувани документарни филмови, другиот, на возраст од само 24, преку десетици контроверзни појавувања на интернет: Виталиј Мански е најпознатиот автор на документарни филмови во Русија, додека режисерот Александар Стефанов е најпознатиот руски историчар на Јутјуб. И двајцата го познаваат Путин: Мански лично, како автор на два филма за рускиот претседател, Стефанов од медиумите и своите студии по политички науки.

Поглед зад сцената на Кремљ

Виталиј Мански за својот филм „Русија – Почеток“ во 2000 година погледна зад сцената на Кремљ. Тој ноќе го следеше Путин до неговата приватна резиденција, а наутро го придружуваше до неговиот базен. За време на снимањето, режисерот му се приближи на Претседателот како речиси ретко кој функционер во Кремљ. Мански сега живее во Летонија и нема интерес повторно да се сретне со Путин.

Виталиј Мански го снима Путин во неговата прва година како претседател во 2000 година
Виталиј Мански го снима Путин во неговата прва година како претседател во 2000 годинаФотографија: Juri Feklistow/ZDF/Arte/dpa/picture alliance

Младиот Јутјубер, пак, живее во Русија и сонува лично да се запознае со шефот на државата. Стефанов не познава друг владетел во Русија освен Путин: „Промена на власта? Како функционира тоа?“, се шегува тој. Кога се родил 24-годишникот, Путин влезе во Кремљ.

Путин - „Каков итар човек!“

Стефанов се сеќава дека првпат свесно го забележал Путин на телевизија, на десетгодишна возраст, како лик во смешна политичка емисија: „Имаше една епизода во која игриво беше прикажана рокадата Путин-Медведев. Си помислив, колку паметно Путин ја оркестрирал целата работа! Колку паметен човек!“ Ова се однесува на привремената замена на Путин на функцијата по два мандата - од претседателската функција на функцијата премиер. Во тоа време претседател стана пријателот на Путин од детството, Дмитри Медведев. Двајцата подоцна повторно ги заменија позициите.

утјуберот и историчар Александар Стефанов
утјуберот и историчар Александар СтефановФотографија: Ekaterina Semkina

Меѓутоа, со текот на годините, перцепцијата на Стефанов за Путин станувала сè понегативна: „Сѐ помалку гледав личност зад сето тоа, а сѐ повеќе политичка фигура без стравови и сомнежи“. Тоа, според младиот човек, се последици од државната пропаганда: „Го обезличуваат Путин и го претвораат во божество, за сите да можат да кажат: Бог ни го подарил!“

Со Путин веднаш „сосема поинаква атмосфера“

Режисерот Виталиј Мански ја опишува метаморфозата на Путин од свое лично набљудување, што започнало многу, многу порано. Тој го посетувал Кремљ и пред Путин. Тој бил место каде што политичарите во 1990-тите „шетаа во азурно сини џемпери и волнени шалови“, што веројатно беше знак за либералната политика на претходникот на Путин, Борис Елцин. „Изборите беа на 26 март 2000 година, потоа дојде инаугурацијата во мај и потоа – бум! – во септември имаше сосема друга атмосфера.“

Метаморфозите на Путин

По Елцин, кого Мански го опишува како „необичен владетел“, дојде сосема нов тип на шеф на држава. „Тој беше изборот на либералниот блок околу Елцин. Спротивен портрет на неговиот претходник: млад, спортски, либерален. Но и државник кој ја одржува државата во ред“, вели Мански. „Путин работеше со овој контраст, но тој не беше автор на оваа слика. Тој едноставно ја исполнуваше улогата што му ја припишаа политичките советници. Беше многу внимателен да не се лизне, да не се сопне“. Притоа, рускиот претседател дури се обидел да изгледа уште позападен и полиберален отколку што се барало од него, смета Мански. На пример, Путин секогаш се осврнувал на туѓите одлуки, секогаш со многу респект кон другите.

Западот како непријател

Младиот историчар Стефанов смета дека Путин во првите години бил фасциниран од Западот, а дури подоцна се разочарал: „Конечно, Русија можеше политички да поентира (на почетокот на 2000-тите), економијата се стабилизираше, цената на нафтата порасна. Но Путин не беше задоволен со системот на меѓународни односи по Студената војна“. Тој ја критикуваше автократијата на САД.

Режисерот Мански, пак, смета дека Путин никогаш не го сакал Западот. „Тој отсекогаш имал јасен став кон Западот како противник на развојот на Русија. Тоа е неговиот основен став.“ За време на Елцин, Русија се приклучи на многу меѓународни институции. За Путин излезот беше тежок, но тој сепак консеквентно го следеше: „Секоја мерка што ја презеде во следните години имаше за цел да ја повлече Русија од меѓународната заедница“.

„Тој мораше да лаже“

И луѓето кои го измислија, неговите политички советници и членовите на семејството на Елцин, исто така прерано ги оставија работите да се одвиваат на своја рака. Путин пребрзо стана независен. И веќе во 2004 година немаше контрола над него: „Тој се огради од либералната група на неговите советници. И, откако стана независен, почна да ја реализира својата претстава за доброто и злото. Неговиот светоглед, неговата идеја за изградба на држава никогаш не се промени. Тој мораше да лаже за да се вклопи во либералната доктрина“.

Метаморфозата на Путин беше логична, но не дојде веднаш: „Ниту зимата не доаѓа веднаш. Прво доаѓа дождот, па снегот и мразот. Прашање е колку ќе трае оваа зима“, вели Мански.

За Јутјуберот Стефанов, одговорот е јасен: не многу долго. Тој цврсто верува дека Русија може да стане послободна во следните шест години, и покрај Путин. Впрочем, неговата татковина отсекогаш била дел од европската цивилизација и така ќе остане.

„Што друго треба да верува 24-годишник?“, вели 60-годишниот Мански со насмевка. „Добро е што има луѓе кои со својот оптимизам го разубавуваат нашето сиво секојдневие.“ Но, тој самиот веќе нема никакви илузии: „Не е можна либерализација, ниту затоплување. Секое пуштање на уздите е деструктивно за овој систем“.

Но, младиот Јутјубер и постариот режисер се согласуваат во едно: и двајцата веруваат дека Владимир Путин ќе ја одредува судбината на Русија до неговата смрт.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи