1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Бригадите Ал-Касам - јуришни сили на терористичкиот Хамас

Керстен Книп
2 ноември 2023

Како воено крило на Хамас, бригадите Ал-Касам играат централна улога во нападите и атентатите на терористичката група. Тие својата воена сила не ја црпат само од нивните блиски врски со Иран.

https://p.dw.com/p/4YHiM
Припадници на бригадите Ал-Касам на Хамас
Припадници на бригадите Ал-Касам на Хамас, фотографија од јули 2023 годинаФотографија: Majdi Fathi/Zuma/picture alliance

Заменик-лидерот на Хамас, Салех ал-Арури неодамна го опиша терористичкиот напад на неговата организација врз Израел на 7 октомври на начин кој е дијаметрално спротивен на сите постоечки и добро проверени извештаи и изјави на сведоци: „Воениот план на бригадите Езедин ал-Касам беше да ја нападне дивизијата Газа на окупаторската војска и да се бори само со окупаторските војници“. Така гласи контранаративот на функционерот на Хамас, кој им пркоси на сите достапни докази и кој, згора на тоа, мирно се обидува да го оправда теророт на неговата организација како антиципирана самоодбрана: „Имавме информации дека окупаторите планираат напад против нас по еврејските празници“.

Овие зборови, израелскиот весник „Јерусалим пост“ ги цитираше од интервју кое Ал-Арури го дал за катарскиот телевизиски канал Ал Џазира минатата недела. Вкупно, изјавил Ал-Арури, 1.200 членови на Ал-Касам навлегле на израелска територија. Една од ретките изјави во интервјуто која би можела да е точна.

Борци на Ал-Касам кај граничниот премин Ерез
Борци на Ал-Касам кај граничниот премин Ерез за време на терористичкиот напад врз Израел кој го извршија на 7 октомври 2023 годинаФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Но, како израелските вооружени сили, непосредно пред наводниот планиран напад врз Појасот Газа, успеале да ја занемарат безбедноста на границата до тој степен што стотици припадници на Хамас успеале да навлезат таму? Оваа сосема незамислива констелација Ал-Арури не ја објаснува. И неговите натамошни објаснувања веројатно само ќе ги убедат неговите поддржувачи: самите бригади Ал-Касам не ги убиле израелските цивили, тврди тој. Наместо тоа, тие беа убиени од страна на „цивили“ од Газа во последователните битки.

Ал-Арури се обидува да го одвлече вниманието од одговорноста на таканаречените бригади Ал-Касам, чиј е основач. Бригадите се воено крило на милитантно-исламистичкиот Хамас, кој е класифициран како терористичка организација во Германија, Европската унија, САД. Врховниот водач на бригадите Ал-Касам, Мохамед Деиф, досега постојано успеваше да им побегне на израелските безбедносни сили. Тој долго време се смета за организатор на многубројните смртоносни терористички напади врз Израелците.

Мохамед Деиф, лидер на бригадите Ал-Касам
Мохамед Деиф, лидер на бригадите Ал-Касам (архивска фотографија од 2000 година)Фотографија: HO/AFP

Наречени по Езедин ал-Касам

Бригадите, кои  на 7 октомври киднапираа најмалку 240 израелски цивили и сега ги држат како заложници, беа основани во 1992 година. Според Книгата на факти на ЦИА, бригадите, како воено крило на Хамас, во 2023 година имаат од 20.000 до 25.000 борци.

Името на терористичката милиција потекнува од името на сирискиот проповедник Езедин ал-Касам (1882-1935), кој во свое време се борел против британската колонијална моќ во Палестина. Ал-Касам проповедал насилен отпор против колонијалните сили, како што ги нарекол, „нови крстоносци“ и повикал на таканаречен „Џихад“. Во исто време, тој сакал да ги протера локалните Евреи од регионот. Членовите на милитантните ќелии кои тој ги основал убиле повеќе локални Евреи во 1930-тите години. Самиот Ал-Касам подоцна починал во престрелка со британската полиција.

Поддршка од Иран

Бригадите со години се поддржувани од Иран. Самиот Хамас јавно повеќепати ја призна оваа поддршка. „Исламската Република Иран придонесе многу во пренесување на знаење, како и за транспорт на ракетите“, изјави Калед ал-Кадуми, претставник на Хамас во Техеран, за списанието за Блискиот Исток „Ал Монитор“ во мај 2021 година. „Со тоа му помогна на Хамас да се потпре на своите локални способности и да произведе таква напредна технологија“, рече Ал-Кадуми.

Пропагандна фотографија на милитаната исламистичка група Хамас со двајца припадници на бригадите Ал-Касам во тунел во Појасот Газа
Пропагандна фотографија на милитаната исламистичка група Хамас со двајца припадници на бригадите Ал-Касам во тунел во Појасот ГазаФотографија: Balkis Press/ABACA/picture alliance

Оваа поддршка значително се зголеми во текот на изминатите десет години, вели Мајкл Милштајн, поранешен член на израелското воено разузнавање, а сега истражувач во центарот „Моше Дајан“ на Универзитетот во Тел Авив. Иран воено ги обучува припадниците на милицијата Ал-Касам. „Тие тренираат снајперисти, ги учат како да градат замки, како да бидат падобранци или параглајдеристи - со други зборови, сè што беше искористено во нападот врз Израел на 7 октомври“, вели Милштајн во интервју за ДВ.

Како се финансираат бригадите Ал-Касам не е детално разјаснето. Но, и овде Иран игра истакната улога, вели Мајкл Милштајн. „Зборуваме за огромни суми пари кои ги дава Иран, особено на военото крило на Хамас. Само во последните две до три години оваа сума изнесувала околу 100 милиони долари.“

Прошверцувано оружје

Количеството и разновидноста на оружјето користено во нападот на 7 октомври - ракети, проектили, беспилотни летала и мало оружје - како и континуираното гранатирање на Израел оттогаш, укажуваат на огромниот арсенал со кој располага Хамас и неговото воено крило. Но, не се познати веродостојни бројки.

Поголемиот дел од оружјето очигледно е прошверцуван во Појасот Газа. Тоа се случува на различни начини, наведува израелскиот експерт за безбедност Милштајн. Најважни се испораките на Иран преку Сирија и Либан, каде Хезболах помага во транспортот на оружјето.

Дел од арсеналот на вооруженото крило на Хамас
Дел од арсеналот на вооруженото крило на Хамас (архивска фотографија)Фотографија: Majdi Fathi/APA Images/ZUMA Press/picture alliance

Овој пат беше потврден и во декември 2020 година од водачот на палестинската милиција „Исламски Џихад“, која исто така е поддржана од Иран, Зијад ал-Нахала.

Според извештајот на Центарот за стратегиски студии Бегин Садат (БЕСА) од 2021 година, тактиката на бригадите Ал-Касам, која постојано беше осудувана од Израел и на меѓународно ниво, има за цел да ги злоупотребуваат цивилите во Газа како „човечки штитови“ против израелските напади врз нивните сопствени членови и арсенал. Оваа тактика е воспоставена под значително иранско влијание - конкретно, според упатствата од Иранската револуционерна гарда. Нејзината цел е преку смртта на многубројни цивили на сопствената страна да се создаде впечаток на меѓународно ниво дека непријателот делува несразмерно и намерно го напаѓа цивилното население.