1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Села или Таравари - кој е лидер на Алијанса за Албанците?

ДТЗ
19 февруари 2024

Двата табори одржаа конгреси и избраа свој претседател и членови на партиските тела. Тие меѓусебно се обвинуваат за „фалсификати“ и ќе бараат правна разврска

https://p.dw.com/p/4cZFr
Зијадин Села, Арбен Таравари
Села или Таравари - кој е лидер на Алијанса за Албанците?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Битката за лидерската позиција во Алијанса за Албанците и поделбата на два табори добива на интензитет во пресрет на пролетните избори. Во саботата (17.02) на конгрес на партијата Зијадин Села беше избран за претседател на Алијансата на Албанците, само еден ден откако приврзаниците на Арбен Таравари му ја дадоа поддршката и го реизбраа за претседател на партијата. Но, кој е легален претседател на партијата? 

Околку ова прашање ќе се кршат и понатаму копјата, откако викендов на вонреден конгрес на Централното собрание беше донесена иницијатива за разрешување на Таравари - гласале 591 делегат од вкупно 837 колку што има партијата. 

„Ги уверувам граѓаните и членовите на Алијаса за Албанците дека ќе станеме уште појаки и уште поконкурентни за да излеземе и да се соочиме и со граѓаните на претстојните избори и да победиме на тие избори“, порача Села .  

Прашан кој е сега легален претседател на партијата, Села одговори дека тоа е оној претседател кој се избира така како што пишува во Статутот на партијата и додаде дека правото за да биде избран или разрешен го има членството на партијата и органите на партијата, а не Таравари или Села. Го обвини Таравари за низа прекршоци почнувајќи од етичкиот кодекс на партијата, а завршувајќи со статутот кој е прекршен во неколку членови.

Кој кого разреши?

„Денеска јас не разрешував никого, туку бев само еден од тие што гласа. Легален претседател е оној претседател што се избира таму каде што се дава одговорност и од претседателот на партијата и од кој било друг избран од функционерите од Алијансата за Албанците. Минатата недела ние имавме Централно собрание каде претседателот на партијата одлучи да не дојде и да избега од одговорност“, рече Села.

Оценувајќи дека последните месеци Алијанса за Албанците била пазар за поткусурување за други политички партии, тој го повика Таравари да ја почитува одлуката.

Правни последици

Но, истото го бараат и приврзаниците на Таравари. Тие преку писмена реакција порачаа дека статутот на Алијансата за Албанците, во член 51, предвидува Статутарната комисија да ги води постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата.

„Настрана манипулациите и фалсификатите кои му претходеа на овој фарсичен Конгрес, ние како легитимни членови на статутарната комисија на партијата го потсетуваме поранешниот претседател на Собранието, Зијадин Села, дека Собранието на партијата на 21 јануари 2023 година избра Статутарна комисија во следниов состав: Ардиан Лимани (претседател), Кујтим Незири, Башким Бакиу, Сирија Рашиди и Атнан Незири (членови)“, велат тие. 

Крилото на Таравари обвинува за фалсификат, со што Села поставил свои членови на Статутарната комисија и најавива дека „ваквите фалсификати ќе имаат правни последици“. 

Расколот во партијата почна откако Таравари објави дека ќе ја поддржи албанската опозиција на изборите, а Села рече дека партијата не е консултирана и дека тие ќе одат на избори самостојно. Таравари и лидерите на опозициските партии на Албанците, пак, деновиве и официјално ја потврдија коалицијата и потпишаа декларација за обединување на претстојните избори.